Судскиот совет бара пари од МФ за да се исплати судската администрација

Претседателот на Судски совет, Сашко Георгиев го повика министерот за финансии, Фатмир Бесими да одобри пари за исплата на дотатоците на судските службеници и администрација, бидејќи како што изјави денеска по отварањето на првата фотоволтаична централа на зградата на штипскиот Апелациски суд, судовите ќе се блокираат.

Судскиот совет вчера не донесе одлука за додатоците на плата, од причина што немаат пари за исплата.

Георгиев истакна дека проблемот со финансиската зависност на судската власт од извршната е децениски проблем и се одразува во секој сегмент.

Прашан за предлог-законот за амнестија, Георгиев рече дека очекува целосна транспарентност при неговото носење.

„Тоа го истакнуваме како децениски проблем во минататото, а се носиме во сегашноста како реален проблем. Имаме активни протести, а некаде и најави за штрајкови. За целиот овој период имавме неколку состаноци со претставници на синдикалните организации и се обидуваме да најдеме соодветни решенија. Сето тоа тешко оди и зависи од Министерство за финансии, коешто треба на крајот да ги исплатат овие средства како додатоци на плата. Судскиот буџетски совет во неколку наврати имаше и обиди со свои одлуки за пренамена на средства од капиталните инвестиции коишто се на располагање да ги пренамени во додатоци за плата за да се изамортизирал тој дел“, вели Георгиев.

Но, како што наведе, од страна на Министерството за финансии не поминало и оваа решение и не се одобрени овие парични средства и судската администрација и службеници останаа без додатоци.

„Тоа претставува реален проблем и работиме на тоа. Значи во делот на министерот за финансии уште еднаш го повикувам да има разбирање и да најде начин да се надминат овие проблеми, бидејќи без оваа судска администрација ќе се блокира судството во буквална смисла на зборот. Тоа е една алатка во судството без која судството не може да функционира“, вели Георгиев.