Судска одлука со која бугарската Агенција за патишта сноси делумна вина за смртта на 45-те македонски државјани

„Бугарската Агенција за патна инфраструктура (АПИ) сноси делумна вина за трагичната несреќа на автопатот Струма, во која пред четири години загинаа 45 лица од Република Северна Македонија“, стои во одлука на Окружниот суд во Перник, јави БТА.

„Бугарската Агенција за патна инфраструктура (АПИ) сноси делумна вина за трагичната несреќа на автопатот Струма, во која пред четири години загинаа 45 лица од Република Северна Македонија“, стои во одлука на Окружниот суд во Перник, јави БТА.

Според судот, АПИ е одговорен за 10% од штетите и треба според пресудата да им исплати по 20.000 лева на секој од тужителите како надомест за неимотна штета.

„За делницата нема издаден акт 16 за автопат и затоа има статус на експресен пат, при што делницата е отворена за сообраќај во 2007 година во фаза на акт 15“, се вели во судската одлука.

Во неа се наведува дека има проблем со проектирањето на патот. Попречниот наклон на свиокот одговара на брзина од 90 км/ч, но нема патен знак за ограничување на брзината на потребните места, истакна судот. Возачот го возел автобусот со 106 км/ч со максимална дозволена брзина на делницата од 120 км/ч.

Несреќата на магистралниот пат Струма се случила нешто по 2 часот по полноќ на 23 ноември 2021 година, на 31 километар од селото Боснек.

Туристичкиот автобус со македонски регистарски таблички, во кој патувале 52 лица, удрил во заштитната ограда, се запалил и целосно изгорел.

Автобусот, сопственост на компанијата од Македонија „Беса Транс“, се враќал од екскурзија од Истанбул и патувал за Скопје. Истрагата за инцидентот е доверена на Националната истражна служба при Јавното обвинителство на Бугарија. Првичните заклучоци беа дека возачот на автобусот е виновен заради пребрзото возење.

На 20 јануари 2022 година во Окружниот суд во Перник се поведе граѓанска постапка за обезбедување докази во врска со инцидентот. Прифатени се вештачења за состојбата на патната делница, вклучувајќи ги достапните ознаки на патиштата, заштитните огради и патните знаци. На почетокот на истата година сигнализацијата на 31-от километар од автопатот „Струма“ на делницата меѓу клучките „Боснек“ и „Старо Село“ беше дополнета со нови сообраќајни знаци од страна на АПИ.

Во август 2022 година роднините на починатите патници од Македонија поднеле барање за обесштетување во висина од 750 илјади евра против АПИ и Бугарската асоцијација на осигурителни возила. Тезата на адвокатот на роднините на жртвите е дека во моментот на несреќата имало голем број технички неисправности на коловозот, погрешни ознаки и знаци, неквалитетни заштитни огради и асфалт, што влијаело за сообраќајната незгода со трагични последици.

Судскиот процес во Скопје

Во март минатата година за трагедијата на автопатот „Струма“ во Бугарија во ноември 2021 година во Кривичниот суд во Скопје заврши судењето против сопственикот и компанијата „Беса Транс“, обвинети за користење на фалсификувани документи во превозот на патници. Компанијата доби четиригодишна забрана за вршење на меѓународен превоз и парична казна од 800 илјади денари.

Беким Хаџиу, сопственикот на „Беса Транс“ заради фалсификување на документи кои потоа ги користеле возачите кога со автобусите ја напуштале државата превезувајќи патници беше осуден на затворска казна од една година и осум месеци.

Автобусот на „Беса Транс“ на 18 ноември 2021 година последен пат со фалсификувана лиценца ја напуштил државата преку граничниот премин Деве Баир и превезува патници кон Истанбул. На враќање од ова патување на 23 ноември, се случи ужасната трагедија на автопатот „Струма“ во Бугарија кога во автобусот изгореа 45 патници.

Истрагата за случајот покажа дека со фалсификувани лиценци 135 пати автобусите на „Беса Транс“ ја напуштиле државата, поради што се казнети и двајца цариници кои ги пропуштале автобусите на „Беса Транс“.

Извор: Слободен печат