Судската администрација од вторник на улица? Kапак на се – последната одлука

Од вторник судската администрација размислува за прекин на работата во одредени судови. Од УПОЗ за Телма велат дека револтот кај оваа категорија вработени настанал откако парите од судскиот буџет наместо за додатоци на плати за судската администрација, се трошат за тужби поднесени од судии, пренесе Телма.

Од вторник судската администрација размислува за прекин на работата во одредени судови. Од УПОЗ за Телма велат дека револтот кај оваа категорија вработени настанал откако парите од судскиот буџет наместо за додатоци на плати за судската администрација, се трошат за тужби поднесени од судии, пренесе Телма.

„Револт во судовите има веќе извесен период и големо незадоволство кај покачување на плати и исплата на додатоци по плата. Уште повеќе има револт поради тоа што сите пари од судскиот буџет се одливаат на исплата на неосновани тужби на судиите кои, иако се функционери, тужат за исплата на регрес на годишен одмор по колективни договори потпишани од синдикатите кои не важат за функционери, важат само за работници. И сега најново по тужби исплата на средства по тужби за спогодби во кои што судиите имаат потпишано дека нема да тужат. А најновото е дека во одлуката на судскиот буџетски совет за исплата на јубилејни награди на судии, одлагање на барање од исплата на јубилејни награди за вработените”, изјави председателот на УПОЗ, Трпе Деаноски за Телма.

Поради сите овие проблеми додава дека нема доволно финансиски средства во судскиот буџетски совет. Не е донесена ниту одлуката за исплата на додатоци на плата која е предвидена за крај на оваа година и треба да биде исплатена кон судската служба.

„Оваа последна одлука ја прели чашата, незадоволството е многу големо моментално во сите судови. Нашите колеги и членови на синдикатот се јавија уште во петокот, веднаш донесување на одлуката, дека се спремни да прекинат со работа почнувајќи од вторник”, додава Деаноски.
Како би се одвивал овој прекин Деаноски нема конкретни информации, но посочи дека како синдикат ќе застанат на страната на вработените во судската администрација. Евентуалниот штрајк на работата на вработените би значело одложување на дел од судските процеси.

Проблемите како да не стивнуваат во овој сектор. Дополнително судската администрација се соочува и со недостиг на кадар. Деаноски додаде и дека со години наназад имаат неуспешни огласи за вработување пред се заради почетната плата на вработените која е 25.000 денари.

Ова не е првпат да има прекини на работата во судовите. Во минатото, во неколку наврати, се случуваше судската администрација да не работи. Од УПОЗ посочуваат дека нивните протести биле најдолги. Во 2016 година, штрајковите траеја околу три месеци и исто толку во 2023 година во обвинителствата.