Судот на правдата на ЕУ ја одби жалбата на забраната за давање адвокатски услуги на руски субјекти

Судот на правдата на Европската унија ги отфрли жалбите на адвокатски здруженија од Белгија, Франција и Германија против одлуката на ЕУ со која се забранува давање правни совети на руската Влада или на други субјекти основани во Русија.

Како што јави белгискиот јавен радиодифузен сервис РТБФ, станува збор за одлука на ЕУ донесена во рамки на пакетот санкции воведени поради руската инвазија на Украина.

Меѓутоа, неколку адвокатски здруженија сметаат дека со оваа одлука се кршат основните права кои гарантираат пристап до правни совети од адвокат, како и принципите за почитување на професионалната тајна и независноста на адвокатите. Дополнително, според подносителите на жалбата, забраната ги крши и вредностите на владеењето на правото и принципите на пропорционалност и правна сигурност.

– Очигледно е дека силно ја поддржуваме Украина и нејзините жители, кои трпат неприфатлива агресија од страна на Русија. Но, војната и нејзините злосторства не смеат да не натераат да заборавиме дека правото и правдата не се услуги како сите други. Тие се гаранти на здрава демократија, изјави претседател на Франкофонската адвокатска комора од Брисел, Емануел Плашер.

Според Плашер. ако се следи оваа логика, еден ден би можело да им се каже на адвокатите дека не смеат да бранат лице кое се смета за несовесно.

– Ова е почеток на крајот на владеењето на правото, додаде Плашер.

Меѓутоа, Судот на правдата оцени дека оваа забрана не го ограничува правото на секој поединец да биде советуван и застапуван од адвокат.

– Забраната не се однесува на правни совети дадени во врска со правните постапки, а дополнително со неа не е опфатено давањето совети на поединци, заклучи Судот.

Највисокото судско тело во ЕУ, исто така, ги отфрли и жалбите во кои се тврди дека со забраната се кршат принципите на професионална тајна или независност на адвокатите.