Судот во Салехард следниот месец ќе одлучува дали телото на Навални ќе биде предадено на неговата мајка

Судот во рускиот град Салехард денеска соопшти дека дури на 4 март, зад затворени врати, ќе одлучува по барањето на Људмила Навалнаја (69), мајка на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, да и биде предадено телото на нејзиниот син, кој почина во затвор во петокот на 16 февруари.

Навалнаја од саботата се обидува да го пронајде телото на својот син, за кое тврди дека не знае каде е.

Таа апелираше и до рускиот претседател Владимир Путин да и го предаде телото, за да може достоинствено да го погреба својот син.

„Веќе петти ден не можам да го видам. Не сакаат да ми го предадат неговото тело. Не ми кажуваат ни каде е. Решението за овој проблем зависи исклучиво од вас. Дозволете ми конечно да го видам мојот син. Барам телото на Алексеј веднаш да ми биде предадено, за да можам да го погребам како човек“, рече Људмила Навалнаја во видео порака до Путин.

Руските власти тврдат дека причината за смртта на Навални останува непозната и одбиваат да го предадат телото во следните две недели, бидејќи се спроведува истрага.