Судијката не го прифати барањето за одложување на судењето за ,,Пулс”

-Нема промена на квалификацијата за ниту еден обвинет, а нема ниту предложено нови докази, истакна судијката.

Судијката Дијана Груевска Илиевска истакна дека не го прифаќа барањето на одбраната да се одложи денешното рочиште за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс”.

-Нема промена на квалификацијата за ниту еден обвинет, а нема ниту предложено нови докази, истакна судијката, пренесува Фокус.

Судењето ќе продолжи со давење на воведен говор на Обвинителството.

Адвокатите на обвинетите, претходно, побараа одложување на судењето, бидејќи имаше спојување на две обвиненија во едно, односно на главниот предмет се приклучи и подоцна обвинетиот Александар Нацев, сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“.

Адвокатите бараа да имаат увид во сега единственото обвинение. Одложување бараше и адвокатот на Нацев кој рече дека мора да се запознае со главното обвинение.

Како втор аргумент за одложување адвокатите го наведоа и тоа што претходно Обвинителството информираше дека ги ревидирале доказите, односно од поднесената листа се извадени докази (вербални искази) за кои сметале дека се повторуваат и се однесуваат на една иста околност, па ги повлекуваат за да не се одолговлекува постапката.

Катастрофалниот пожар изби на 16 март годинава и во него загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

За овој случај обвинети се вкупно 38- мина, односно 35 физички лица и три фирми.

Адвокатите на обвинетите во „Пулс“ бараат одлагање на судењето