Судијата Ѓоко Ристов не е во бегство, Обвинителството бара куќен притвор

Судијата Ѓоко Ристов не е во бегство и денеска бил сослушан во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. По сослушувањето обвинителката побарала да му биде изречена мерка куќен притвор.

Судијата Ѓоко Ристов не е во бегство и денеска бил сослушан во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. По сослушувањето обвинителката побарала да му биде изречена мерка куќен притвор.

-Денеска предметниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК го сослуша осомничениот судија и му ги предочи прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар.

Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување на мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што истата ја оправдуваат, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор.
Освен оваа мерка, предложено е и определување на мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање, велат од Обвинителството.

Пред два дена од Обвинителството посочија дека во домот на родителите на судијата биле пронајдени 350.000 евра, кои биле соѕидани во еден од ѕидовите.

-Во рамките на опсежна истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција иницирана откако на 14 декември беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, во континуитет интензивно се преземаат дејствија што резултираа со проширување на постапката и кон судија од Апелацискиот суд во Скопје, осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен меѓу другото со дејствија на корупција и трговија со влијание.

Врз основа на наредба што јавниот обвинител ја побара и обезбеди од надлежниот суд денеска беше извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на сега осомничениот судија, каде соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката.

Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност. Дејствијата координирани од јавниот обвинител ги преземаат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, чија посветеност и професионален интегритет придонесе за успешно разоткривање и обезбедување докази за еден од најсериозните и најсложените облици на криминал, информираат од Обвинителството.

Судијата се поврзува со случајот со мито, за кој неодамна беше уапсен адвокатот Фехми Стафа.

Пред еден месец, кога беше уапсен Стафа, од Обвинителството соопштија дека поранешниот државен правобранител побарал мито од 100.000 евра, а примил 50.000 за да влијае кај судија за да укине мерка притвор, без да го посочат судијата.

Камбовски: Нема стигнато барање за одземање на имунитетот на судијата Ристов