
Шест судии кои Судскиот совет ги унапреди односно ги префрли од Граѓански во Апелациски суд може да не дојдат до повисоката позиција, јавува Алфа.
Постапката може да се врати на почеток доколку Управниот суд одлучи позитивно на тужба од судијата Андреј Димовски кој смета дека не бил праведно оценет односно не му биле доделени соодветни поени за сите услови кои ги исполнува.
Наведувајќи пракси на Европскиот суд за човекови права по вакви случаи судијата Димовски бара Управен да да му ја уважи тужбата и да го поништи решението за негово оценување.
„Начинот на непримена на прописите од тужениот, беше неисправен до тој степен што претставува прекршување на позитивните обврски на државата која таа ги има преземено согласно член 6 од Европската конвенција за човековите права“ рече АНДРЕЈ ДИМОВСКИ – Граѓански судија.
Адвокатот на Димовски е на став дека иако претходно имало одлука од Управен и Врховниот суд, како што велат во полза на граѓанскиот судија, Судскиот совет сепак не ги испочитувал во оценувањето и носењето одлука. Освен што не ги испочитувале, тие продолжиле со изборот на судии во повисокиот суд.
„Претходната пресуда на овој суд содржеше низа забелешки за кои со доказната постапка Судот ќе констатира дека воопшто не се отстранети, а како такви ги има многу“ рече БИЛЈАНА ЈАНДРИОСКА – Адвокат на Димовски.
Судскиот совет пак, со контра аргументи. Вели решението за оценување во декември 2023 било донесено според Законот од 2019, а Врховниот суд го укинал решението по приговор а не по оценувањето на судијата.
„Правната заштита предвидена согласно Законот за СС, тужителот претходната правна постапка за иста правна работа ја водел со тужениот огран и пред Врховниот суд..“ рече претставникот на Судкиот совет.
Судијата Димовски бара Судски да му направи ново оценување и бодување. Доколку Управниот суд ја прифати тужбата, највисокото судско тело ќе треба повторно да изврши оценување на овој судија што може да влијае на сегашниот избор во Апелација.
Според одлуката на членовите на Судски, од Скопска двојка во повисокиот суд беа унапредените судиите Елизабета Настов, Софија Миленкова, Цветанка Сиљаноска Костадиновска, Кети Германова, Благица Ѓошевска и Артан Лимани.
Изборот кој го направи Судски неколку дена е под лупа на јавноста и експертската фела. Спорни беа повеќе работи, а во очи најмогу падна дека изборот се случи три години од распишување на огласот.