Судирот Русковска – Муареми покажува во правосудството е дојдено „нож до коска“

Европската обвинителка Лаура Ковеши вели дека не планира наскоро да ја посети Македонија откако и обвинителката Русковска и директорот на Финансиската полиција Муареми побараа странска помош по нивниот јавен судир. За правните експерти овој судир е потврда дека правниот систем е во сериозна криза.

Странските амбасади во земјава и Европската обвинителка Лаура Ковеши не одговорија на повикот на двете главни институции за откривање финансиски криминал и корупција да посредуваат во нивниот судир што кулминира деновиве.

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми денеска ја повика јавната обвинителка Вилма Рускоска, доколку располага со сознанија и информации за сторен криминал, да ги докаже и на јавноста да и пласира обвинителен акт против него. Претходно Муареми најави кривична пријава против Русковска и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска кои на 18 минатиот месец извршија претрес во Управата, по пријава на граѓанин.

Ова е неговата реакција на синоќешното отворено писмо на шефицата за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска преку кое таа ги повика на помош амбасадите на САД и ЕУ, владата и јавноста од, како што го нарече, загрозувачкиот притисок од претставник на владата, односно од Муареми.

Русковска ги повика сите меѓународни институции и амбасади, пред сè Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ еднаш засекогаш да се проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот. Таа ја повика и Европската обвинителка Ковеши, доколку е во можност, да дојде и да ги провери сите предмети на ОЈО ГОКК откако е на чело на Обвинителството, со посебен осврт на предметите за Драги Рашковски, Мухамед Зекири и за Арафат Муареми.

„Се придружувам и јас кон вашиот повик до амбасадите и сите страни на кои се повикувате за “помош“- нека го потврдат и тие она што Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го утврди со надзор над вашето незаконско работење и неетичко постапување. Одговорност за вашето самоволие мора да има“, вели денеска Муареми.