
Судии и обвинители во Србија бараат седници на највисоките правосудни органи за студенстките протести
Бараат од највисоките правосудни органи недвосмислена изјава за студентските протести и односот на власта кон судството и неговото место во општеството.
Група судии и јавни обвинители „Да ја одбраниме професијата“ денеска побара, имајќи ги предвид студентските барања поврзани со судството, до крајот на месецот да се одржат седници на највисоките правосудни органи – Врховниот суд, Врховното јавно обвинителство, Високиот судски совет и Високиот совет на обвинителството, за која ќе се расправа актуелната состојба во судството, јави дописникот на МИА од Белград.
На тие седници на транспарентен начин, со учество на претставници на судии и обвинители, единствена точка на дневен ред би била актуелната ситуација во судството, со посебен осврт на примерите за незаконско влијание на политичките гранки на власта врз обвинителството и судот, за да може да се донесат соодветни одлуки во првата половина на мај, се наведува во отвореното писмо на групата „Да ја одбраниме професијата“.
Како што е наведено, тоа би било и можност да се оцени дали три години по донесувањето на Законот за измени на Уставот и две години од спроведувањето на новите правосудни закони, се постигнати подобри резултати и цели на таа реформа, вклучително и подобрување на финансиската состојба на судството и на сите вработени.
Групата судии и обвинители потсети дека од почетокот на годинава стотици судии и обвинители ги објавија своите имиња и презимиња за одбрана на професијата и ги повикаа сите колеги и вработени во правосудството да им се придружат во одбраната на професијата, уставноста и законитоста.
Бараат од највисоките правосудни органи недвосмислена изјава за студентските протести и односот на власта кон судството и неговото место во општеството.
По изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека „сите обвинители кои не го штитат редот и законот ќе бидат сменети“, беше објавено соопштение од групата „Одбрани ја професијата“, потпишано од 621 судија и обвинител, а повеќе од 200 од нив потпишаа за поддршка на вработените на кои им се закануваше губење на дневницата поради штрајкот.
Од групата потсетија дека претходно нагласиле дека „по безбројните клевети и таргетирање на неколкуте судии и обвинители кои не се согласија тивко да го набљудуваат пустошот на судството, овојпат претседателот на Републиката отиде чекор подалеку со тоа што најави дека, во согласност со сопствената проценка, сега и нескриено – ќе влијае кадровски врз членовите на судството“.
„Сметаме дека е последен момент судиите и обвинителите да го кренат својот глас и да се спротивстават на ова и слични дејствија“.