Судиите криво нека седат – право нека судат, порачаа роднините на настраданите од Кочани

Родителите и роднините на загинатите во Кочани не веруваат на институциите, а гневни се и на УЈП и на тој што ја платил глобата.

На големи неправилности уште вечерта кога гореше дискотеката „Пулс“, укажуваа денеска на единаесеттиот Марш за ангелите во Кочани родителите и роднините на загинатите и повредените млади луѓе.

Бараа да одговараат и полицајците кои вечерта интервенирале во дискотеката, но и директорот и медицинските лица кои работат во кочанската болница, затоа што работеле без потребни материјали и кислород, па не можеле да им пружат помош на настраданите.

Побараа одговорност и и од локалните власти, од инспекциите, а велат не се задоволни од обвинението во кое 34 физички лица и три правни лица треба да одговараат за трагедијата.

– Тоа нема да ги врати нашите деца. Да беше затворена дискотеката затоа што немала дозвола, немаше да загинат нашите деца – рече една од мајките.

Порача дека се бори за сите деца, и за нивните и за другото дете. Но, мајката до неа вели: „Јас немам ниедно. Едно имав и тоа ми го зедоа“.

Меѓусебе, на овој протест, разговараа и за вчера објавените податоци од УЈП. Убедени се дека на пресот се лажело.

Друга мајка порача судиите криво да седат, но право да судат, а тоа да биде направено поскоро.

Овој протест е 11 по ред, каде роднините и родителите на децата настрадани во пожарот во дискотеката „Пулс“, на кој бараат правда и постапување од институциите.

Денеска повторно, во 18.05 часот, облечени во црно, со сликите од своите деца во рацете, прошетаа низ Кочани, застанаа пред полицијата, обвинителството, судот и ги испратија своите пораки до властите.

На 16 март, ноќта, на концерт на групата ДНК, се запали дискотеката „Пулс“ во Кочани, поради употреба на пиротехника, а притоа загинаа 62 млади луѓе, а околу 200 се повредени и уште се лекуваат.