Специјалистот по медицинска психологија, пак, го опиша обвинетиот како лице кое е пасивно во стресни ситуации
Две докторки – психијатар и специјалист по медицинска психологија, денеска сведочеа во случајот за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје вечерта од 6 кон 7 април. Тие ја анализираа состојбата на еден од тројцата обвинети, Анџело Ѓоргиевски (28), а по предлог на неговите адвокати.
Како вешто лице психијатар сведочеше докторката Зора Митиќ, која рече дека Анџело имал лузни на десната рака, истата со која му го задал првиот удар на Тот. Според неа, мускулатурата на овој екстремитет му е слаба, што би значело и дека ударот бил слаб, пренесе МИА.
Докторката Сања Ефтимовска како специјалист по медицинска психологија, пак, го опиша обвинетиот како лице кое е пасивно во стресни ситуации.
„Се работи за личност со здраво разумско логично размислување со сочуван тест на реалноста и способност за компензирано однесување. Во стресни ситуации и фрустрациони, луѓето различно реагираат, се виде дека Анџело е склон кон пасивизација, пие и лекови, доминираат симптоми од невротски тип состојба во која некој се повлекува некој напаѓа, тој е од тие типови кои пасивизираат“, изјави Ефтимова, која исто така беше сведок на одбраната.
На претходните рочишта, пак, но по предлог на обвинителството, како вешто лице од областа на психијатријата сведочеше Александар Марцикиќ. За сите тројца обвинети, тој рече дека станува збор за психички здрави личности, а во моментов на немилиот настан, според него, тие можеле да ги разберат своите постапки, да ги претпостават последиците и да раководат со нив.
Покрај Ѓоргиевски (28), останатите двајца обвинети се Клементина Левковска (19) и Андреј Костовски (19).
На почетокот на судскиот процес, тројцата во своите воведни зборови пред судот тие порачаа дека никој од нив не сакал да се случи тоа. Нивните адвокати, пак, настапија со теза дека овој кривично-правен настан не може да се квалификува како убиство бидејќи не постоела умисла.
Обвинителката Тања Трајчевска, пак, прва ги кажа воведните зборови и го опиша кобниот настан. Расправијата на тројцата обвинета со ракометарот започнала во такси-возило, а потоа продолжила и надвор од него. Преминала во физичка пресметка во која Тот се здобил со повеќе удари, прво тупаници од кои паднал на асфалтот. Додека лежел, пак, според обвинителството, добил повеќе удари и со нога и со рака по главата и телото. Од тешките повреди Тот паднал во коматозна состојба, кај него било констатирано и нагмечување на мозокот, дошло до прекин на активноста на мозочните неврони, а сето тоа наредниот ден (8 април) резултирало со смрт.
Во досегашниот судски процес за убиството на Тот, во судница се сослушаа неколку сведоци, како и воведните зборови на странките. Во судница на рочиштето на 14 септември дојде и таткото на Денис, Игор Тот, кој порача дека очекуваат да се дознае вистината, да се види дали обвинетите се виновни и, ако се виновни, да има соодветна казна.