Судењето за Стаменковски „Доказ М“одложено: Да се издвоиме кои сме новинари, а кои се натрапници и рекетари, порачаа новинарките на „Фокус“

Само што почна се одложи судењето за сопственикот на порталот „Доказ“, Маријан Саменковски. Неговите адвокати побараа изземање на сите обвинители од Скопје со барање предметот да го преземе обвинител од другите градови во земјава.

Рочиштето е одложено за друг термин бидејќи сега треба да се разгледа барањето на одбраната.

Крајно време е да се знае кои се новинари, а кои се натрапници во професијата и рекетари, порачаа новинарките на „Фокус“ Ирена Мулачка и Валентина Вурмо, по денешното рочиште против сопственикот на „Доказ М“ Марјан Стаменковски, кој е обвинет за повеќе кривични дела – ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.

-Очекувам правдата да биде задоволена, обвинетиот да се најде онаму каде му е местото и еднаш засекогаш да се знае кој е новинар, а кој е рекетар – рече Мулачка по завршувањето на рочиштето.

Вурмо, пак, изјави дека бројот на оштетни ги надминува луѓето што денес беа присутни во судот.

-Од предметот очекувам конечно да се издвоиме кои се професионални новинари, а кои натрапници во професијата. Поголеми очекувања имам од вториот предмет на обвинителството за Стаменковски, очекувам да покаже кои биле нарачателите и посредниците, односно кои плаќале за да се објавуваат лажни текстови, и се надевам и тие да се најдат на обвинителна клупа – рече Вурмо.

Судијката Марија Клетничка Марковска на почетокот рече дека рочиштето ќе биде затворено за јавност бидејќи како што посочи станува збор за кривични дела против моралот и поради заштита на приватниот живот на оштетените и сведоците во случајот.

Следното рочиште закажано е за 10-ти март.