Суарез ќе му се приклучи на Меси во Интер Мајами

Луис Суарез до крајот на годинава повторно ќе му стане соиграч на Лионел Меси, тврди уругвајскиот весник „Ел паис“. За овој трансфер се зборуваше и преку летото и некако постојано важи за нешто што сигурно ќе се случи, но прашање е кога.

„Ел паис“ тврди дека Интер Мајами и Гремио, каде што игра Суарез, веќе постигнале договор за трансфер. Суарез, наводно би дошол на едногодишна соработка, со можност соработката да биде продолжена за уште една сезона. Весникот додава и дека закажана била средба меѓу Суарез и Дејвид Бекам, во декември, на која ќе биле договорени личните услови на напаѓачот.

Суарез има 37 години, но игра одлично во Гремио, постигнувајќи 19 гола, на кои додаде уште 16 асистенции во 46 меча. На седум кола до крајот на првенството во Бразил, Гремио е на третото место со шест бода помалку од лидерот Ботафого.

За неговата релација со Меси не треба да се зборува многу. Таму играше од 2014 до 2020 година, освојувајќи по четири пехари во Ла Лига и во Копа дел Реј, како и Лигата на шампионите во 2015 година. Ако трансферот во Интер Мајами се оствари, тој ќе биде четвртиот фудбалер од таа генерација на Барса, по Меси, Бускетс и Алба.