
Голема врева се крена во државава и особено во градот под Пелистер за модната дизајнерка Лиле Кадинска од Битола, по информацијата дека нејзиното „Ле бранд студио“ е дел од контроверзната јавна набавка за униформи за специјалната полиција во државата.
Кадинска деновиве е една од „најозборуваните“ личности во Битола, особено што е носител на јавната набавка во вредност од 130.980.000 денари (2,13 милиони евра) со вклучен ДДВ за наредните три години. Тоа е рамковна спогодба потпишана со Министерство за внатрешни работи на Македонија. Годишно ова мало модно студио од Битола треба да исполни обврски од договорот за 710 илјади евра, јавува „Независен“.
Студиото можеби е модно, но мануфактурата е мал шивачки дуќан. Една од главните дилеми во битолската, а и македонската јавност, е како овој мал шивачки дуќан со двајца вработени ќе обезбеди банкарска гаранција од пет проценти од сумата на јавната набавка. Тоа се 106.500 евра.
Засега нема ни одговор на јавно поставените дилеми како Кадинска со нејзиното студио „Ле бранд“ успеала да ја добие јавната набавка со двајца вработени и со новорегистрирана компанија со име „Памитекс тим“, чиј сопственик е од Србија да шие униформи во шара за специјалните полициски единици.
Неодговорените прашања отвораат низа на дилеми и сомнежи особено за свежо формираната фирма „Памитекс тим“.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски пред два дена го повика Јавното обвинителство и останатите институции да го истражат случајот и не само тендерот за набавка на униформи, туку и сите останати тендери за кои постојат индиции за какви било сомнежи за незаконитост. Тој демантираше дека сопственичката на модното студио Кадинска е пријателка на неговата сопруга.
„Независен“ денеска му постави прашање на Јавното обвинителство дали ќе постапува во случајот со тендерот за полициските униформи. Од таму ни одговорија: „Обвинителството постапува само доколку има елементи на кривично дело“.
Вкупните приходи на „Ле бранд студио“ во 2024 година изнесувале 20.651 евра, според податоците од Централниот регистар (во 2023 година – 17.790 евра, а во 2022 година – 16.935 евра).
Вчера дописникот на „Независен“ тропна на вратата на „Ле бранд“ во Битола. Ама што би рекле битолчани: Лилето сега тешко се наоѓа!
Откако ја побаравме на телефон, таа возврати да ѝ напишеме порака оти не е во можност да се јави, а кого и кажавме дека ја бара новинар, повеќе не се јави.
Студиото „Ле бранд“ се наоѓа во центарот на градот, во првата зграда од локацијата „Стара болница“, но иако вчера внатре светеа три луксузни лустери, на сред бел ден, што можеше да се забележи од стаклената врата, никој не излезе од модното студио. Пред влезната врата од дуќанот на ул „Климент Охридски“ 25 беа поставени дрвена масичка со две столчиња, можеби да се одморат шивачките и да испијат кафе пред сермијата, по напорната работа.
Битолчанка, муштеривка на Кадинска, вели дека Лилето си има шнајдерски салон долги години, брендиран со впечатливо име и шие по мерка, а не конфекциски.
„Класично шнајдерски, сум била неколку пати, сум сошила облека и тоа по мерка, како што велиме ние битолчани ’убаво Лилето ќе ти ја земи мерата’, па пак ќе одиш на проба, па ќе си почекаш две-три недели и оп фустанот е готов“, вели нашата соговорничка.

Во шивачкиот салон на Кадинска, според соговорничката има мал број на изложени, веќе сошиени парчиња облека, што можеш веднаш да ги купиш. По некоја кошула, сако, пантолони ако ти се погоди бројот или маици и дуксери со испечатени, лично од Лилето осмислени пораки како дел од кампањи за жената, за македонската поезија и слично, што остава впечаток кај муштериите за надарена со идеи личност.
Друга муштеривка вели дека кај Лилето се чека со месеци за матурски фустан. Наводно, матурантките закажуваат уште од зимата за да стаса матурска креација во мај. Затоа, интригата е уште поголема како Лилето и двете шнајдерки ќе успеат да шијат униформи за специјалната полиција, за што е потребна конфекција и добро разработен синџир на производство.
Последната објава на Кадинска на Фејсбук е од 19 мај, само три дена пред да се обелодени во медиумите нејзината „нова специјална полициска мисија“. Кадинска на Фејсбук лично рекламира здолниште со фалта, па пишува во стилот на уличните трговци: „Последно здолниште! Последна шанса! За нашето раскроено здолниште од памучен брокат… И ти, дама по сите дефиниции, кога се движиш низ улиците на градот, а здолништето верно го следи твојот ритам.“
Една недела подоцна, Кадинска нема објавено дали го продала здолништето со фалта.
Инаку, Кадинска не е „затворена“ личност напротив е транспарентна како дизајнер. Во изминатите години има објавено неколку интервјуа во онлајн медиуми, од каде јавноста и сега може да прочита информации за неа и нејзините погледи кон модата. Во едно од интервјуата стои дека Кадинска има завршено на Академијата за уметности во Софија, Бугарија.
Во јавноста особено се коментирана српската фирма и дали таа е во релација со битолска модна дизајнерка, па заедно да го реализираат тендерот. Опскурната фирма „Памитекс тим“ е основана на 18 ноември 2024 година. Основач на фирмата е „Теам традерс компани“ од Белград, а како претставник се јавува Божо Кочоски. Кој е Божо и дали ќе соработува со Лилето, засега не е познато. Но познато е дека на јавноста дека сето ова ѝ мириса на голема коруптивна зделка. „Ле бранд студио“ има барем свој дуќан каде што две шивачки и една модна креаторка шијат матурски фустани, здолништа или пантолони. Во седиштетот на „Памитекс тим“ го нема ни тоа. Всушност, нема ништо.