
Српските студенти кои на 25 април од Нови Сад го започнаа штафетниот ултрамаратонот низ Европа, попладнево пристигнуваат во Брисел.
Во рамки на ултрамаратонот насловен „Од Нови Сад до Брисел – Патување од 1.950 километри за правда“, 21 студент од Србија, пред да стигнат до Белгија, со штафетно трчање минаа низ Хрватска, Словенија, Австрија, Германија, Франција и Луксембург.
Маратонот е дел од шестмесечната кампања за барање одговорност и правда за 16-те загинати при уривањето на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година.
Предвидено е за време на престојот во Брисел студентите-маратонци да се сретнат со претставници на повеќе европски институции за да разговараат за „нивните барања за одговорност, правда и демократија“.
Студентската иницијатива, што започнаа со 16-минутен протестен молк во чест на 16-те изгубени животи на железничката станица во Нови Сад, изминативе месеци прерасна во масовно протестно движење со барање одговорност за трагедијата, транспарентност во работата на државните институции и крај на системската корупција во Србија.