
Студентите кои ги блокираа влезовите во зградата на Радио-телевизија Војводина (РТВ) утрово околу 5.30 се разотидоа откако жандармеријата поставо кордон, со што на вработените им е дозволен влез во зградата. Пред зградата на Радио-телевизија Србија во центарот на Белград и кај студиото на Кошутњак се уште се протестира од студентите во блокада и дел од вработените не можат да стигнат до своите работни места, јави дописникот на МИА од Белград.
Полицијата во Нови Сад соопшти дека во соработка со обвинителството, во тек е идентификација на сите лица кои сториле кривични дела и прекршоци, а против нив ќе бидат поднесени соодветни прјави.
Синоќа по 22 часот беа блокирани сите влезови на тие медиуми, а студентите во блокада, како причина за потегот – изјавија дека јавните сервиси, „не известуваат вистинито“.
Блокиран и влезот на ТВ Нова на Кошутњак, па утринските емисии се емитуваат од пред објектот.
„Полицијата насилно ги потиснува луѓето, за да можат вработените во РТС да влезат зградата. Соочени со оваа полициска бруталност, вработени во РТС се откажаа од влегување. Остануваат надвор, меѓу студентите и граѓаните…И покрај се, има чесни луѓе во РТС“, беше објавено на Икс на ФДУ во блокада.
Главна вест на порталот на РТС утрово е блокадата на јавниот сервис, при што РТС нагласува дека „студентите во блокада незаконски ги блокираат зградите на РТС“.