Студентите блокираа три моста во Нови Сад, Вучиќ вели дека е нападнат од надвор

Блокадите се во рамки на кампањата „Три моста за три месеци“ со која ќе бидат одбележани трите месеци од смртта на 15 лица при уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.

Илјадници студенти и други граѓани на Нови Сад и други градови од Србија денеска почнаа со блокада на три моста во Нови Сад, објави Н1.

Блокадите се во рамки на кампањата „Три моста за три месеци“ со која ќе бидат одбележани трите месеци од смртта на 15 лица при уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.

Акцијата ја организираат новосадските студенти на кои во петокот вечерта им се придружија и колегите од Белград. Тие во Нови Сад пристигнаа пеш и со велосипеди по речиси дводневниот марш од околу 85 километри што тргна од главниот град.

Телевизијата Алџезира јавува за непрегледна маса што ги блокира трите мостови и додава дека сите три моста на Дунав во Нови Сад ќе бидат блокирани денеска до 18 часот, а најголемиот – Мостот на слободата, 24 часа.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ, пак. денес изјави дека државата не е играчка, но дека многумина помислиле дека може со неа да си играат и дека е можно државата и секого во неа да ги уценуваат.

-Затоа од надвор тргнаа во напад на Србија, поддржани од многумина од внатре кои со години се обидуваат да ја освојат власта, малку на избори, малку без избори, но не им оди бидејќи народот не сака – кажа Вучиќ.

Тој истакна дека „државата Србија се однесува толерантно, трпеливо, им нуди разговори на сите“.

-Онаа секунда кога некој ќе помисли дека со насилство ќе ја зграби власта државата ќе се однесува како држава и како секаде во светот – порача Вучиќ.