Струјата и гасот се набавуваат со трајни повисоки цени
Компаниите што снабдуваат гас и струја на слободниот пазар, сега ја почнуваат годината со нови договори и со нови цени. Овојпат, како што велат од компаниите, цените се повеќекратно зголемени, како за електричната енергија, така и за гасот.
Повисоки сметки за струја ќе добијат и сите компании што се на регулираниот пазар, односно и за нив, како и за домаќинствата, цената на струјата се зголеми за 9,48 проценти.
Во големите компании, учеството на енергенсите во крајната цена е различно, зависно од дејноста и иако, како што велат познавачите, тие може да имаат поголема отпорност на овој ценовен шок во однос на помалите фирми, сепак, цената на струјата и на гасот може значително да ги поремети нивните инвестициски планови.
За малите фирми што се на регулираниот пазар, цената на струјата се зголеми колку и за домаќинствата, оние што се на слободен пазар, а кои не се доволно моќни, се најзагрозени.