Македонскиот шампион Струга ТЛ има одличен резултат 0:0 од гостувањето во Вилнус, во првиот натпревар од 1. квалификациско коло во ЛШ против Жалгирис. Меч во кој на бранови играа и едните и другите, и двата тима со добри шанси, но без реализација, а се чини стружани на крајот може да жалат затоа што Валентин Кочовски во 86. минута од добра позиција не упати удар каков што посакуваше.
Избраниците на Шпетим Дуро целосно ја неутрализираа играта на противникот, кој имаше четиро добри шанси, но не го најде патот до голот, а Струга преку Шабани и Кочовски можеше да дојде и до подобар резултат. Но, и овие 0-0 се одлични пред реваншот во Охрид, во кој Струга ќе има шанси во Македонија да го донесе славниот Галатасарај.
Првиот дел имаше „нишалка“ кога станува збор за играта. Ако почетокот на мечот му припадна на струшкиот тим, потоа Жалгирис ја презеде иницијативата, за во финишот да имаме израмнета позиција и на двата тима.
Струга ТЛ одлично почна, се обиде да го изненади противникот со иницијатива, но без посериозна шанса, освен неколку уфрлања пред голот на Гертмонас.
Меѓутоа кога Жалгирис се ослободи од притисокот, почна да игра, се случи и најголемата шанса, во 16. минута преку Хинд кој со глава се обиде прецизно, меѓутоа од гол линијата одличен беше Ќосевски.
Во 36. минута најсериозната шанса ја имаше Буњамин Шабани, кој по проигрување од Ибраими успеа да упати удар, но и Гертмонас да одбрани. Без голови се замина на пауза меѓу двете полувремиња.
Одличен старт имаше Жалгирис и шанса на Ојевуси во 48. минута, но и одлична интервенција на Ќосевски. Откако почетокот на вториот дел ја имаше иницијативата литванскиот тим, Струга ТЛ потоа воспостави рамнотежа.
Дури имаше и неколку опасни ситуации, но избраницие на Шпетим Дуро грешеа во последното, завршно додавање, па не дојдоа до можност да го загрозат голот на Гертмонас.
На другата страна, пак, Жалгирис настојуваше да дојде до гол, а шанса имаше и Вилхјалмсон, меѓутоа ударот заврши за малку над голот.
Најдобрата шанса на Струга ТЛ можеби и на натпреварот ја имаше Валентин Кочовски. Во 86. минута доби топка од Шабани, беше осамен одкосо од лево, меѓутоа неговиот удар беше лош, и само крај голот.
Казната можеше да стигне во 91. минута откако Бопесу шутираше одлично, но само за малку крај голот во надворешниот дел од мрежата на Ќосевски, па овојпат и Жалгирис „прокоцка“ победа на овој меч.