Страшни поплави во Турција: Четири лица загинаа, има и исчезнати, хаотични сцени на улиците

Најмалку четири лица загинаа, а четири се водат како исчезнати во поплавите во Турција, соопштија властите.

Најмалку две лица загинаа во поплавите во Истанбул, а десетина луѓе се спасени, изјави градоначалникот Давут Ѓул.

Две лица загинаа, а четворица се водат за исчезнати во поплавите во туристички камп во провинцијата Киркларели, во близина на границата со Бугарија, соопшти турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.

Јерликаја на платформата Икс (Твитер) напиша дека во кампот имало околу 12 туристи, наведувајќи дека акцијата за пребарување и спасување продолжува.

Телевизиите објавија снимки на кои се гледа како спасувачите носат девојка и постаро лице на безбедно од вода која во некои делови била длабока до половината, објави Гардијан.

Поплавите го оштетија главниот пат во покраината, кој поради тоа беше затворен, објави ТВ Хабертурк.