Стојков од „ОМО Илинден Пирин“ на средба кај Лога, за правата на Македонците во Бугарија

Копретседателот на „ОМО Илинден Пирин“, Стојко Стојков и министерот за правда Кренар Лога денеска оствариле средба на која од здружението информирале за статусот и правата на Македонците во Бугарија.

„Се дискутираше и за годишниот извештај на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во кој е посочено дека Република Бугарија не ја спроведува пресудата за основните човекови права на слободно здружување која ОМО Илинден Пирин не може да ја реализира и да се регистрира. За неспроведувањето на 14-те пресуди на судот во Стразбур во корист на Македонците во Бугарија ќе бидат информирани и меѓународните фактори“ – соопштија од Министерството за правда.

Оттаму додаваат и дека Стојков изразил благодарност до Лога за интересот за правата на Македонците во Бугарија и посочил дека тој е првиот министер кој го повикал на разговор.