Стојаноска: ВМРО-ДПМНЕ утре формално ќе ја поднесе интерпелацијата за Талат Џафери

„ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во текот на утрешниот ден ќе ја поднесат формално интерпелацијата за Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија. Целокупната македонска јавност изминатиов период беше сведок на целосното нестручно и несовесно работење и претседавање на Талат Џафери со македонското Собрание. Во неколку наврати Џафери еклатантно ги кршеше одредбите од Уставот, Деловникот за работа на Собранието, како и законите со кои е уредена работата на Собранието. Имено, откако Џафери е избран за претседател на Собранието, сѐ почесто сме сведоци на скандали во неговото работење. Последен во низата беше скандалот кога пратениците на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ беа заклучени во салата во која се одржуваше пленарната седница“, Ова меѓудругото денеска на прес-конференција го соопшти пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска.

Таа рече дека „сме биле сведоци на начинот на кој се водат седниците од страна на претседателот, односно на повеќе наврати седниците траеле до раните утрински часови, со намера да се ускрати правото на говор и дебата, а со една и единствена цел – изгласување на закони кои се од бизнис интерес на коалицијата на власт“.

„Со ваквиот неодговорен пристап, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери покажа дека нема капацитет за правилно водење на Собранието, ниту пак покажува волја за соработка со пратениците од опозицијата, преку почитување на Уставот и Деловникот. Поради овие причини, ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, согласно Уставот и Деловникот на Собранието на Република Македонија, ја поднесуваме оваа интерпелација.
Ние не очекуваме дека власта, предводена од СДСМ и Димитар Ковачевски, ќе се охрабри и ќе ја изгласа оваа интерпелација, и дека 61 пратеник од власта ќе го чујат гласот на народот и ќе гласаат за разрешување на Талат Џафери“ рече Стојаноска.