Стотици мртви во израелски напад врз болница во Газа, тврдат Палестинците

Хамас тврди дека израелски воени авиони ја нападнале Баптистичката болница во центарот на Газа и дека во нападот загинале стотици луѓе, јавува Би-Би-Си.

Според нив, портпаролот на локалното Министерство за здравство изјави дека се стравува дека загинале стотици луѓе.

Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари изјави дека е во тек истрага дали имало напад врз болницата Ахли Ал Араби во Газа. Како што наведе, армијата ги истражува деталите и ќе соопшти штом ги има сите факти.

Најмалку 600.000 Палестинци побегнаа од север во јужниот дел на Појасот Газа, каде ситуацијата се влошува – луѓето спијат на улиците, стојат во редици за леб, а водата станува се поретка.

Во Кан Јунис, град на југот на Појасот Газа, едно семејство изјави за Би-Би-Си дека во моментот во нивната куќа живеат 90 луѓе, а новинарите на Би-би-си известуваат дека на пациентите во болниците им се даваат 300 милилитри вода дневно.

Израел претходно ги повика луѓето во северниот дел на Газа да се преселат на југ, по најавената копнена инвазија која сè уште не се случила.

Претходно го блокираше снабдувањето со храна, вода, гориво и електрична енергија за Појасот Газа, но Израел негира дека има хуманитарна криза, иако Светската здравствена организација соопшти дека и треба итен пристап до Газа бидејќи резервите со медицински материјали се при крај. .

Во последниот конфликт меѓу Израел и Хамас, повеќе од 4.000 луѓе ги загубија животите од двете страни.