Стопанска комора: Aко трговците не се консултираат за маржите, некои производи може да не се набавуваат
„Во врска со определувањето на највисока маржа за определени производи, доколку Владата не го прифати барањето за корекција на листата на производи, трговците на мало ќе бидат принудени овие производи во наредниот период да ги откажат, што ќе има негативни последици врз работењето и на производителите и на самите трговци“.
Ова го велат од Стопанската комора на С. Македонија.
За да помогнат во изнаоѓањето избалансирано решение за замрзнување на маржите во трговијата на големо и на мало, тие бараат итна средба со ресорниот министер.
Претставници на трговците на големо и на мало, како дел од Здружението за трговија и на Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија при Стопанската комора одржале останок во врска со последната одлука, со која се определува највисоката трговска маржа до 5% на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10% на продажната цена во трговија на мало, како посебен услов во трговијата, донесена од Владата на предлог на Министерството за економија.
Во соопштението се наведува дека домашните трговци се подготвени за соработка доколку намерата на Владата e заштита на социјалната категорија граѓани.
„Во согласност со податоците, само за плати се издвојуваат 8 – 14 % од прометот, а со носењето на Законот за минимална плата и со нивното линеарно зголемување, тој процент ќе биде и повисок. На енергенси отпаѓаат 5 – 6 %, на одржување 7 – 10 %, а за плаќање закуп за простор од 3 до 4 % од вкупниот промет. Оттука, ако маржата се замрзне за одреден период, таа треба да биде во висина од 20% во трговијата на мало“ – сметаат компаниите.
Истовремено, компаниите бараат и корекција на листата на производи, односно одлуката да се однесува само на основните производи во секторите опфатени со неа.
„Доколку Владата на РСМ не го прифати барањето за корекција на листата на производи, трговците на мало ќе бидат принудени овие производи во наредниот период да ги откажат, што ќе има негативни последици врз работењето и на производителите и на самите трговци. Затоа, претставници од овие два сектора, со намера да помогнат во изнаоѓањето избалансирано решение за замрзнување на маржите во трговијата на големо и на мало, бараат итна средба со ресорниот министер. Само на тој начин, со вклучување на бизнис заедницата и консултации со Стопанската комора на Северна Македонија ќе може да се дојде до поквалитетно решение“ – се вели во соопштението.