Столтенберг: Ја осудуваме „војната на Путин“, ќе го заштитиме секој сантиметар територија на нашите сојузници

По повод 18-годишнината од влегувањето на Бугарија во НАТО, генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг имаше свое обраќање во кое кажа и дека војната на претседателот Путин во Украина, дневно носи смрт и уништување, загрозувајќи ја безбедноста во Европа и предизвикувајќи го целиот светски поредок.

„Сојузниците во НАТО ја осудуваат таа војна и го повикуваат Путин веднаш да ја запре, да ги повлече своите трупи и да се сврти кон дипломатијата“ – изјави Столтенберг.

Тој потсети дека Бугарија испрати хуманитарна помош за Украина, вклучувајќи и за засолниште, како и медицински материјали, како и дека прима бегалци.

Според него, моментално има стотици илјади воени сили во висока готовност низ Унијата. Има 100.000 американски војници во Европа и уште 40.000 под директна команда на НАТО, главно на источното крило на Алијансата, со силна воздушна и поморска поддршка, како и противвоздушна одбрана.

Столтенберг соопшти дека сојузниците од Алијансата испратиле воени сили во Бугарија. Шпанија испратила борбени авиони „Еурофајтер“, а наскоро Холандија ќе испрати Ф-35, работејќи рамо до рамо со бугарските военовоздухопловни сили.

Столтенберг е категоричен дека Алијансата ќе ја заштитува Бугарија и секој сантиметар од територијата на својот сојузник.