Јенс Столтенберг – генералниот секретар на НАТО денеска се очекува да има средба со претседателите на сите политички партии во Европскиот парламент на кои ќе се разговара за Украина и за безбедноста на ЕУ.
Пред почетокот на состанокот, Столтенберг, заедно со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола порачаа дека процесот на зачленување на Финска и Шведска ќе оди бргу, доколку овие две земји поднесат апликации.
„Финска и Шведска ќе бидат примени со раширени раце, тие ни се блиски партнери, силни и зрели демократии, соработуваме со години, интероперабилни се со силите на НАТО и заедно работиме во повеќе мисии и операции на НАТО, ако аплицираат, ќе бидат добредојдени и очекувам процесот да биде брз“ – рече Столтенберг.
Тој додаде дека не е загрижен за транзицискиот период помеѓу апликацијата и полноправното членство.
„Ќе најдеме аранжман за периодот помеѓу апликацијата и формалната ратификација во сите парламенти, уверен сум дека има начин да се исполни тој период“ – рече шефот на НАТО.