Украинската борба е и наша борба и затоа НАТО ќе стои зад Украина онолку долго колку што ќе биде потребно, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата Јанс Столтенберг пред почетокот на средбата на министрите за одбрана на земјите членки на Пактот во Брисел откако го пречека украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Столтенберг нагласи дека НАТО ќе продолжи да ја поддржува Украина и дека воената поддршка за земјата и нејзиното приближување кон пактот ќе бидат тема на разговори на денешните состаноци на Контакт групата за одбрана на Украина и на Советот НАТО-Украина, што беше воспоставен на јулскиот Самит на Алијансата во Вилнус.
– Вашето лидерство и храброста на украинските вооружени сили за заштита на народот продолжува да не импресионира и инспирира сите нас и ние ќе продолжиме со поддршката бидејќи тоа е важно за цело НАТО, изјави Столтенберг, посакувајќи му добредојде на состанокот на украинскиот претседател.
Зеленски, од своја страна, нагласи дека потребите на Украина за опстанок претставуваат голем предизвик и изрази благодарност што е поканет да присуствува на денешниот собир.
– Изразувам благодарност што ќе можам да се обратам и да зборувам пред министрите за приоритетите како да ја избркаме Русија од нашата татковина и да ја прекинеме војната, истакна Зеленски.
Тој нагласи дека во пресрет на новата зима на Украина ќе биде голем предизвик и ќе и бидат потребни поддршка и оружје за да може да ја гарантира безбедноста на својата инфраструктура и да обезбеди испорака на храна ширум светот, но и да се одбрани и да ги потисне руските сили од своја територија.
Украинскиот претседател истакна дека е можно денеска во Брисел да се сретне и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и да разговараат за пристапувањето на Украина во ЕУ.
Зеленски се осврна и на случувањата во Израел, нагласувајќи дека сосема ја разбира еврејската држава, како некој што доаѓа од земја која е во војна и се соочува со терористички напади.
Тој нагласи дека негова препорака до светските лидери во вакви услови, кога има терористички напади и многу жртви и кога многу луѓе страдаат, најважно е единството и да не бидеш оставен сам.
Според него, во услови на конфликт најважно е да им се пружи поддршка на обичните луѓе кои се изложени на терористички напади, бидејќи тие се најважни, не се важни институциите.
– Единството е многу важно. Не треба да им се даде можност на агресорите, додаде Зеленски.
Столтенберг истакна дека состојбата во Израел ќе биде тема на утрешната средба на Северноатлантскиот совет, на која ќе присуствува и израелскиот министер за одбрана, кој ќе ги информира своите колеги од НАТО за случувањата на теренот, додавајќи дека Алијансата ги осудува терористичките напади врз цивилите.
Според Столтенберг, во текот на утрешниот ден на министерската средба ќе стане збор и за спроведување на одбранбените планови усвоени на Самитот во Вилнус, за напорите да не се дозволи враќање на џихадистичката група Исламска држава во Ирак, за распоредувањето дополнителни сили на НАТО на Косово, како и за инцидентот во Балтичкото Море во кој беше оштетена витална подводна инфраструктура и ако се утврди дека штетите се намерно предизвикани ќе има сериозен одговор од страна на Алијансата.