Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг смета дека само Киев може да определи прифатливи услови за постигнување мир во Украина.
Тој додаде дека Украина не смее да го прекине конфликтот или да прифати договор чии услови ќе ги диктира Русија, пренесува весникот „Велт ам Зонтаг“.
„Сите сакаме оваа војна да заврши, но за мирот да биде долгорочен, мора да биде и праведен. Мирот не може да значи замрзнување на конфликтот или прифаќање договор чии услови ќе ги диктираат Русија. Само Украина може да определи прифатливи услови“ рече тој.
Колку повеќе територија Украина „ослободи“, „толку подобри карти ќе има на преговарачката маса“, смета генералниот секретар на НАТО.
Говорејќи за изгледите за влез на земјата во Северноатлантската алијанса, Столтенберг рече дека „иднината на Украина е поврзана со НАТО, но сега приоритет е Украина да стане суверена и независна држава“.
„Во спротивно, нема да има можност да се разговара за членство. Треба да склучиме кредибилен договор за безбедноста на Украина на крајот од оваа војна, за да не може Русија повторно да вооружува и да нападне“, објасни тој.
На претстојниот самит на НАТО во Вилнус на 11 и 12 јули ќе биде донесена одлука за пакетот помош за Украина и за активирање на политичките врски што ќе ја доближат до стандардите на алијансата, додаде тој. Дополнително, според неговите зборови, земјите од НАТО на состанокот имаат намера да се договорат како пониска граница да се фиксира показателот за трошоците за одбрана во износ од 2 отсто од националниот БДП.
Лидерите на шест африкански земји, како дел од мировната мисија која треба да посредува во решавањето на руско-украинскиот конфликт, вчера во Санкт Петербург се сретнаа со рускиот претседател Владимир Путин, кој посочи дека Русија е отворена за дијалог со сите оние кои сакаат праведен свет.
„Главниот заклучок од денешните разговори е дека нашите партнери од Африканската унија покажаа разбирање за вистинските причини за избувнувањето на таа криза, кои беа создадени со напорите на Западот, како и разбирање дека за да се излезе за оваа ситуација, неопходно е да се решат тие причини“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по средбата.
Украинскиот претседател на состанокот со делегација на лидери од Африка еден ден претходно истакна дека е против замрзнување на украинскиот конфликт и нагласи дека Русија мора да ја повлече својата војска од териториите кои Киев ги смета за свои.
Тој исто така рече дека не ја разбира логиката на африканските лидери кои планираат да ја посетат Русија.