Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска предупреди дека западната воена алијанса треба да биде подготвена за лоши вести од украинскиот фронт.
Војните се одвиваат етапно и мораме да ја поддржиме Украина и во добри и во лоши времиња, изјави Столтенберг во интервју за германското радио АРД, пренесува Политико.
Треба да бидеме подготвени и за лоши вести, додаде Столтенберг, не сакајќи дополнително да елаборира.
Неговите коментари доаѓаат додека западните сојузници дебатираат за финансиската помош за Украина и снабдувањето со муниција на Киев, како и додека Москва го зголемува бројот на војниците откако рускиот претседател Владимир Путин во петокот потпиша декрет за зголемување на бројот на војници за околу 170.000 на вкупно 1,3 милиони.
Линиите на фронтот малку се поместуваа во последниве месеци, и покрај контраофанзивата на Киев во текот на летото, но Украинците користеа крстосувачки ракети за да ја потиснат руската флота во Црното Море.
Ова се големи победи, без разлика што украинската армија не успеа да ја помести линијата на фронтот, изјави Столтенберг во интервјуто.
Тој ги повика членките на НАТО да го зголемат производството на муниција и изрази жалење за лошата соработка во европската одбранбена индустрија.
Не сме во можност да соработуваме толку тесно како што треба, рече Столтенберг и ги повика владите да гледаат подалеку од нивните национални интереси и да се обидат да ја видат пошироката слика.
Победата на Путин не само што би била трагедија за Украина, туку и опасност за другите сојузници, а колку повеќе ја поддржуваме Украина, толку побрзо ќе заврши војната, рече Столтенберг.