Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, предлага создавање фонд во кој сојузниците на Алијансата ќе придонесат за Украина со 100 милијарди долари во текот на пет години, како дел од пакетот мерки за помош за земјата, кои лидерите на Алијансата треба да го одобрат кога ќе се сретнат во Вашингтон во јули, пишува „Блумберг“.
Според извори запознаени со дискусиите, сојузниците уште разговараат за предлогот на Столтенберг.
Портпаролите на Националниот совет за безбедност при Белата куќа засега не ја коментираат информацијата.
Како дел од пакетот, НАТО може да ги преземе и оперативните задолженија на Контакт групата за одбрана за Украина предводена од САД, која ја координира испораката на оружје од околу 50 земји за Украина, велат изворите. Тоа би можело да ја заштити Контакт групата од секакви политички промени, кои може да се случат по изборите во САД во ноември.