Столтенберг од Минхен: Да ѝ дадеме на Украина што ѝ е потребно за да победи

Говорејќи на Минхенската безбедносна конференција, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека, една година од целосната инвазија на Украина од страна на Русија, претседателот Путин не планира мир, туку уште повеќе војна.

Генералниот секретар рече: „Мора да ѝ го дадеме на Украина она што ѝ треба за да победи и да опстане како суверена, независна нација во Европа“.

Генералниот секретар тврдеше дека дури и ако војната заврши утре, нашата безбедносна средина се промени на долг рок. Тој рече дека Кремљ сака поинаква Европа, каде Русија ги контролира соседите. „Ние исто така знаеме дека Пекинг внимателно следи, за да ја види цената што ја плаќа Русија или наградата што ја добива за нејзината агресија“, рече Столтенберг, нагласувајќи дека војната во Украина покажува дека безбедноста е глобална, наместо регионална.

Генералниот секретар, исто така, ја истакна важноста на издржливоста. „Не толку одамна, многумина тврдеа дека увозот на руски гас е чисто економско прашање“, рече тој, додавајќи дека „не треба да ги правиме истите грешки со Кина и другите авторитарни режими“.

Конечно, генералниот секретар Столтенберг истакна дека „најважната лекција од војната во Украина е дека Северна Америка и Европа мора да застанат заедно“, нагласувајќи дека „без НАТО нема безбедност во Европа“.

Столтенберг говореше на панелот на главната говорница на Минхенската безбедносна конференција, заедно со претседателот на Финска, Саули Ниинисто, претседателката на Молдавија, Маја Санду и премиерката на Данска, Мете Фредериксен, објави НАТО.