Столтенберг: НАТО и КФОР остануваат будни, мора да се избегне ескалација на Косово

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, порача дека на Косово мора да се избегне ескалација. Оценката доаѓа по неуспешните разговори меѓу Белград и Приштина за прашањето за задолжителна пререгистрација на регистарските таблички.

„Разговарав со Жозеп Борел. Разочарани сме што не е можно да се реши спорот за регистарските таблички“, напиша Столтенберг на Твитер.

Според него, „сега е време за одговорност и прагматични решенија“ и „мора да се избегне ескалација“.

„НАТО и КФОР остануваат будни“, додаде генералниот секретар на НАТО.

Борел вчера во Брисел, по осумчасовните средби со лидерите на Србија и Косово, изјави дека Белград го прифатил предлогот на ЕУ за излез од кризата за прашањето за регистарските таблички, но Приштина тоа не го сторила.

По одвоените средби и трилатералниот состанок со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, Борел побара Косово веднаш да ги суспендира натамошните чекори поврзани со пререгистрацијата на регистарските таблички, а Србија да го прекине со издавањето на регистарски таблички за градовите во Косово, вклучително и КМ-табличките.