Јенс Столтенберг – генералниот секретар на НАТО на прес-конференција во Берлин, по средбата со канцеларот Шолц вели дека „војната на претседателот Путин против Украина го уништи мирот и го шокираше светот“. Тој им оддаде почит на украинските сили и вети дека ќе продолжи да ги поддржува.
Столтенберг ја пофали Германија за нејзината воена и хуманитарна поддршка за Украина, нагласувајќи дека „НАТО има одговорност да спречи натамошна ескалација на оваа војна“ и притоа ги предупреди членките на Алијансата дека „мирот и безбедноста не можат да се земаат здраво за готово“.
„Вчера, министрите за одбрана почнаа да размислуваат што треба да направиме за на долг рок да ја зајакнеме нашата одбрана и одвраќање. Ова ќе бара големи зголемувања на инвестициите во одбраната“ – рече Столтенберг.
Шолц пак рече дека Германија го зголемила финансирањето на своите вооружени сили за да се осигура дека „НАТО е способен да ги исполни своите должности и мандат“.