Столтенберг го повтори повикот до членките на НАТО да и дозволат на Украина да таргетира внатре во Русија

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска изјави дека „дојде време“ членките на алијансата да ги преиспитаат некои ограничувања за употребата на оружјето доставено до Украина, додека сојузниците остануваат поделени во однос на употребата на нивното оружје на цели во Русија.

Столтенберг го изјави ова за време на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Прага, пред самитот на алијансата во јули во Вашингтон.

Минатата недела, во интервју за Економист, тој ги повика сојузниците да ја укинат забраната Украина да користи оружје на сојузот во нападите врз воени цели на територијата на Руската Федерација.