Столтенберг: Белград и Приштина да преземат конкретни чекори кон деескалација

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека Приштина и Белград мора да преземат конкретни чекори за деескалација на ситуацијата.

Столтенберг за „Побједа“ од Подгорица изјави дека Алијансата на Косово испраќа уште околу 500 војници од оперативниот резерват за Западен Балкан.

– Дополнителен резервен баталјон ставивме во готовност, за да може и тие да бидат распоредени по потреба. Ова се претпазливи чекори за да се осигура дека КФОР ја има силата и способностите што му се потребни за да го исполни својот мандат – нагласи Столтенберг.

Тој додаде дека насилството го враќа целиот регион, не само Косово, назад и дека ги доведува во прашање евроатлантските интеграции.

– И Приштина и Белград мора да преземат конкретни чекори за деескалација на ситуацијата, да се воздржат од понатамошно неодговорно однесување и да се вклучат во дијалог со поддршка на ЕУ, што е единствениот пат до траен мир – рече генералниот секретар.

Тој додаде дека НАТО ќе продолжи да ја игра својата улога за поддршка на трајната безбедност во покраината и стабилноста низ Западен Балкан.