Ракометниот репрезентативец на Македонија – Стојанче Стоилов синоќа го одигра последниот меч во националниот дрес, по победата над Чешка во Скопје со која беше заверен пласманот на уште еден мундијал, тој објави крај на репрезентативната кариера.
На прес-конференцијата по натпревар, Стоилов истакна дека му било чест 15 години да го носи дресот на Македонија.
„Ми беше голема чест и привилегија е да ги бранам боите на Македонија. Ви благодарам на сите за големата поддршка низ годините од срце. Македонија оди на светско“ – напиша Стоилов и на Фејсбук.
Кружниот напаѓач на македонската селекција рече дека чувствува дека телото не може повеќе да ги издржи напорите што е причина за репрезентативната пензија.
„Ставам крај на репрезентативната кариера, едноставно не сум здрав, моето тело не го издржува напорот. Фала и на македонската јавност за големата поддршка. Има многу имиња во изминатите години на кои сакам да им се заблагодарам, пред се туке Киро кој за мене секогаш ќе биде капитен, Жути исто така. Да мислев дека не можат без мене немаше да се откажам, но верувам дека има кој да не замени. Верувам во овие деца, веќе не се ни деца. Не сакам да им ги земам минутите, Жаре заслужува да игра повеќе. Затоа мислам дека е време да има една смена на генерации која ќе биде конечна“ – порача Стоилов.
Не е непознаница дека Филип Миркуловски (популарниот Жути) синоќа се збогуваше со дресот со националниот грб, а иако беше најавено дека баражот против Чесите ќе е последен меч и во репрезентативната кариера на најдобриот, капитенот и селектор – Кирил Лазаров, сепак тој одлуката ја остави за понатаму.