Стоилов: Разочаран сум, многу нè погоди одлуката на ЕХФ

Генералниот менаџер на РК Вардар 1961 – Михајло Михајловски денеска на прес-конференција рече дека од ЕХФ на 17 јуни 2022 год, клубот добив известување дека поради ненавремено подмирување на обврските македонскиот првак не може да игра во Лигата на шампионите следната сезона.

Михајловски посочи дека во изминатиов период од две години беа подмирени обврски во висина од околу 2,3 милиони евра и беше уплатен депозит на сметка на Европската ракометна федерација во висина од 300.000 евра, но, ЕХФ на 22 јуни не го прифати тоа, и ја потврди одлуката за исклучување.

И капитенот на Вардар 1961 – Стојанче Стоилов е крајно разочаран:

„Разочаран сум, многу нè погоди одлуката на ЕХФ. Од таму мислам дека не се свесни каква е ситуацијата кај нас, бездушно нè казнија поради долгови. Сега кога клубот застана на нога после неколку тешки години, со засилувања, тешка освоена двојна круна, нè погоди одлуката, нè врати една година назад. Не сакаме да нагаѓаме и претходно имаше време да нè казнат, сега навинстина е чудно. Но, гледам субјектино, тука сум долго време, тука останувам, ќе поминеме и низ ова. Се надевам дека Михајловски ќе биде со нас, мислам дека уште не е време да си замине, затоа што тој дојде и го спаси Вардар. Не може да згасне Вардар, ни се ветуваше, добивме нула поддршка. Секаде е тешко, пандемија, војна, не е лесно. Апелирам со некој дел да се помогне, не играме ЛШ, но не е сè загубено, со овие играчи одиме по нови титули. Ќе биде многу тешко, Е. Пелистер го почитуваме, прав ривал како што одамна не сме имале, ние ние сме Вардар, ние сме шампиони“ рече Стојанче Стоилов.