Стоилковски: И сопругата на Мартин Костовски „неопходна“ во МНР?

„Нововработена во МНР од неодамна е и Ивана Костовска, сопруга на пратеникот на антимакедонскиот СДС Мартин Костовски. Костовска веројатно била неопходен кадар, па затоа МНР на Бујар Османи ја има преземено од друга институција! Преземањето, најверојатно, е од администрацијата на Општина Куманово, и тоа во јули годинава!“ рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„Фокусот на јавноста беше кон претстојното предавство на македонската посебност, додека се случуваа огромни семакедонски протести, а во Собранието жестоко се дебатираше, Мартин Костовски веројатно се занимавал со вработување, префрлање на својата 23-годишна сопруга во МНР како ‘неопходен’ кадар! Прашање е дали и гласањето во Собранието на Мартин Костовски не се должи на пазар за вработување на неговата сопруга во МНР?“ вели Стоилковски.

Портпаролот на опозициската партија вели дека „Македонија тоне во сиромаштија, тоне во кризи, тоне во предавства, тоне во економска неизвесност, а антимакедонскиот  СДС ја држи власта само и само за партизација на администрацијата и ухлебие на своите миленици и функционери на плата од празниот буџет!“

„Димитар Ковачевски и Бујар Османи мора да одговорат од која институција и за која позиција е преземена во МНР сопругата на пратеникот Мартин Костовски? Димитар Ковачевски и Бујар Османи мора да одговорат колку вакви преземања се направени, заради каква неопходност каква што велат, со кои и какви квалификации се преземени лица на пример како Бесмира Ејупи и Ивана Костовска, и зошто ги криеја од јавноста?“ вели тој.