САД ги стави на „црна листа“ Артан Груби и Енвер Беџети

Политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира, напиша во официјален статус амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер, по објавата дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети се новите две имиња на црната листа на на Стејт департментот.

Стејт департментот на Соединетите Американски Држави денеска соопшти дека воведува санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.

Според соопштението, Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Мијалков беше санкциониран во 2022 година за значителна корупција според Секцијата 7031(в) од Законот за надворешни операции и поврзани програми на Стејт департментот.

Покрај санкциите за Груби и Беџети, забрани за влез во САД се воведени и за членовите на нивните семејства.

Овие мерки се дел од глобалната иницијатива за борба против корупцијата и злоупотребите на човековите права, која се спроведува по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата и Денот на човековите права.

Агелер: Политичко мешање во судството не може и нема да се толерира

Политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира, напиша во официјален статус амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер, по објавата дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети се новите две имиња на црната листа на на Стејт департментот.

„Денешното назначување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира. САД ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучуваат во значителна корупција која ги поткопува демократските институции. Никој не е над законот, а одговорноста е суштинска за напредок“, истакна амбасадорката Агелер.