Стефан Ристовски: Фудбалот е голем бизнис – колку пари, толку музика!

Стефан Ристовски – капитенот на македонската фудбалска репрезентација во интервју за „Вечерњи лист“ зборуваше за неговиот престој во Динамо Загреб, за подготовките, за неговите соиграчи, но доби и прашање за фудбалот во Македонија.

Ристовски пред неколку дена јавно критикуваше како тоа лесно се дозволува да пропаѓаат македонските брендови како што се ФК Вардар, потоа РК Вардар, КК Работнички и ЖРК Кометал. Сега тој вели – колку пари толку музика.

„Не е супер, знаеш што велат – колку пари, толку музика. Денес фудбалот е голем бизнис, инфраструктурата стагнира во Македонија, се надевам дека тие подобри пет минути ќе дојдат и овде. Па, Вардар играше во Европската лига пред неколку години, а потоа падна во втора лига и жал ми е за тоа. Не знаеме да ја зачуваме традицијата, брендот. Пропаѓаат многу клубови, кошарка, ракомет, фудбал, мора што поскоро да ја напуштите Македонија за да се реализирате како играч. Во моментов не гледам клуб таму каде што можете да останете подолго. Но, има гиганти како Динамо, тоа е пример како треба да функционира еден клуб“ вели Ристовски.