Стефан Ристовски: Вакви големи победи за овој народ засекогаш ќе останат запаметени

Стефан Ристовски – капитенот на македонската фудбалска репрезентација вечерва изјави по пристигнувањето на експедицијата од Палермо дека победата над Италија во полуфиналето од мундијалскиот бараж ќе остане запаметена во колективната меморија.

„Сè уште сме под еуфорија. Вакви големи победи за овој народ засекогаш ќе останат запаметени“ – изјави македонскиот капитен.

Нашите репрезентативци, барем дел од нив поради УЕФА протоколите вечерва прославија со голем број навивачи на скопскиот плоштад, а веќе од утре следуваат подготовки за гостувањето во Порто.

Капитенот рече дека успешните резултати на репрезентацијата се заслуга на сите, но притоа особено ја истакна улогата на помладите во тимот.

„Среќен сум бидејќи во тимот имаме млади играчи, кои го даваат својот максимум и со нивна помош постигнуваме вакви големи резултати“ рече Ристовски.