„Со донесената пресуда од страна на првостепениот Суд во целост се потврди тезата на Обвинителството дека обвинетиот Никола Груевски и останатите обвинети, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и Ристо Новачевски, го сториле кривичното дело „перење пари” и други приноси од казниво дело, обвинетиот Никола Груевски го сторил кривичното дело „противправно стекнување и прикривање имот”.
Ова денеска по објавувањето на пресудата за за случајот „Плацeви на Водно“ го изјави обвинителката Лиле Стефанова.
Таа смета дека Обвинителството во овој случај „понуди и беа изведени квалитетни докази од кои во целост се докажа диспозитивот на обвинителниот акт”.
„Во однос на обвинетиот Никола Груевски се покажа дека додека бил премиер дејствувал коруптивно, стекнувал имот чие потекло го прикривал, не го пријавил во својот анкетен лист, а, исто така, во целост се докажа дека во 2012 година преку фирми, оф-шор компании со сложена шема, која што денес и судот целосно ја образложи, за себе купил имот во Македонија со незаконски стекнати парични средства“ рече Стефанова.
Истакна дека за неа од особена важност е изречената конфискација.
„Иако од износите кои ги слушавте, а ги читаше судот, имотите беа евидентирани со пониски износи, во моментот, трите стана луксузни во „Панорама Резиденс“, два стана на улицата во кои живеел Никола Груевски, а сега живее и неговото семејство, градежното неизградено земјиште на Водно во површина од 2.700 метри квадратни, имотот во Крушево, и земјиштето кое беше конфиксувано, а по кое и овој предмет го доби името „Плацeви на Водно” во моментот, според пазарната вредност вредат околу 3 милиони евра“ – рече таа.
Обвинителката за дел од казните смета дека се правилно одмерени.
Судечкиот совет денеска изрече седумгодишна казна затвор за поранешниот премиер Никола Груевски, обвинет за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот.
Јордан (Орце) Камчев е осуден на едногодишна затворска казна кои, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело” доби казна затвор од една година и три месеци.