Стерјовски за Топ ченел: ДП не го одржа ветувањето затоа сме во изборна коалиција со социјалистите

Лидерот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција(МАЕИ), Васил Стерјовски, кој е кандидат за пратеник на отворената листа на Социјалистичката партија за Корчанскиот округ, за Топ ченел зборуваше околу договорот меѓу двете партии за изборите на 11 мај.

Лидерот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, кој е кандидат за пратеник на отворената листа на Социјалистичката партија за Корчанскиот округ, за Топ ченел зборуваше околу договорот меѓу двете партии за изборите на 11 мај.

-Преговаравме со многу партии, но во тој момент постигнавме договор со Демократската партија. Сепак, кога не ни дадоа место на листата, како што бевме договорени, излеговме од таа коалиција. Благодариме на Социјалистичката партија што ни даде можност, направивме договор меѓу двете партии и добивме место на отворената листа за Корчанскиот округ, рече Стерјовски.

Додаде дека според договорот Социјалистичка партија гарантира дека ќе ги унапреди правата на македонската заедница во Албанија, ќе се зголемат инвестициите во регионите каде што живее македонското население.

– Нашите барања ќе бидат исполнети за изучување на македонскиот јазик таму каде што постојат услови низ целата територија на Република Албанија, посочи тој.

Телевизијата наведува дека “за пратеникот кој достојно го претставуваше македонското малцинство во Собранието во претходниот состав”, Изборниот законик останува проблематичен во однос на можностите за малите партии, особено за малцинствата, кои според него, треба да имаат свое место во парламентот.

– Овој Изборен законик можеби е еден од најдобрите, но сепак не е идеален. Како што рековме, ние бараме загарантирани места за малцинствата и ќе инсистираме на тоа. Ова е и барање на Советот на Европа од минатата година, за државата да ги исполни условите и да овозможи позитивна дискриминација, со што малцинствата ќе добијат свое претставување во парламентот. Станува збор за заедничка листа и затоа нашето инсистирање како партија беше да настапиме со една од главните политички сили за да обезбедиме место на листата. Со добар резултат, без разлика дали во првата фаза можеби нема, во втората фаза, доколку има поместувања на листата, постои можност за влез во албанскиот парламент, изјави Стерјовски.

Тој смета дека претставувањето на малцинствата во парламентот е единствената можност за заштита и застапување на нивните интереси.

Стерјовски е единствен кандидат Македонец во цела Албанија, зашто ниту една партија или коалиција нема кандидирано Македонец на своите листи.

На изборите што во Албанија ќе се одржат на 11 мај, во 12 Изборни единици, во трка за пратенички мандат на отворените листи се 2.046 кандидати на 11 политички партии и коалиции.

Треба да се спомне и фактот дека СП на Еди Рама единствено коалицира само со МАЕИ.