Стевкова-Штериева: Банките се стабилни, а пандемијата го зголеми штедењето
„Банките се стабилни, резистентни на шокови, со профитабилност која може да послужи како дополнителна брана во случај на непредвидени настани кои би можеле да имаат негативни ефекти на нивната стабилност“. Ова во интервју за државната МИА го изјави претседателката на Македонската банкарска асоцијација – Маја Стевкова-Штериева.
Таа вели дека и во услови на пандемија не дошло до драматично влошување на кредитното порфолио кај банките и тие покажале дека имаат финансиски капацитет да ги надминат проблемите.
Според Стевкова-Штериева, кредитирањето бележи раст и заклучно со октомври годинава регистриран е раст од 6,7 проценти на годишно ниво, односно од 5,6 проценти во однос на крајот на минатата година.
Таа позочува дека пандемијата го нагласила зголемувањето на штедењето како глобален феномен, а ниските каматни стапки и инфлаторските движења неизбежно влијаеле на состојбите со депозитите и главно имаат две видливи манифестации – склоност на населението да инвестира во недвижен имот и да ги претвара денарските депозити во евра.
„Граѓаните многу често ги изедначуваат овие две категории и мислат дека ако има инфлација истовремено тоа значи и девалвација на денарот во однос на еврото, па поради тоа денарските депозити ги претвораат во евра. Ова е апсолутно неточно и иако постојат одредени релации, инфлацијата не значи автоматска девалвација, односно промена на курсот на денарот во однос на еврото. Како што може да се види веќе извесно време има инфлација, а курсот на денарот не е променет“ – подвлекува Стевкова-Штериева.
Во интервјуто, Стевкова-Штериева се осврнува и на одлуката на Уставниот суд со која се укинува правото на приоритет на Фондот за осигурување на депозити во наплатата на побарувањата во стечајната постапка на банка, како и на барањето на одреден број доверители во Еуростандард банка за разрешување на ФОД од членство во Одборот на доверители.
Појаснува дека секоја одлука за ФОД е индиректно поврзана со банките бидејќи средствата со кои се прави обештетувањето и покривањето на трошоците од работењето на Фондот се собираат од банките. Секоја понатамошна системска промена на статусот на ФОД во поглед на неговите права може да биде штетна, вели Стевкова-Штериева.
– Ова го истакнуваме поради предлогот на одреден број доверители во случајот на стечајната постапка над Еуростандард банка, кои на погрешен начин ја толкуваа одлуката на Уставен суд и бараа разрешување на Фондот за осигурување на депозити од членство во Одборот на доверители и губење на статусот на доверител во стечајната постапка. Доколку внимателно се прочита образложението на одлуката на Уставниот суд може да се извлече заклучок дека единствено е укината приоритетната улога на ФОД во намирувањето на утврденото побарување, за да не се доведе овој доверител во повластена положба во однос на останатите доверители. Статусот на доверител на ФОД е неспорен за правниот систем на нашата држава, и ова го потврдија и судовите со свои одлуки. Сметам дека секоја одлука спротивна на веќе донесените одлуки на судовите би била незаконита и би можела да нанесе ненадоместлива штета директно на ФОД, а со тоа и индиректно на банките коишто го финансираат овој Фонд, нагласува Стевкова-Штериева.