
Стафа примил поткуп од 50.000 евра, а барал 100.000 за да влијае кај судија за укинување на притвор
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција објавија детали за уапсениот Фехми Стафа, поранешен државен правобранител. Според нивните информации тој побарал мито од 100.000 евра, а примил 50.000 за да влијае кај судија за да укине мерка притвор.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција објавија детали за уапсениот Фехми Стафа, поранешен државен правобранител. Според нивните информации тој побарал мито од 100.000 евра, а примил 50.000 за да влијае кај судија за да укине мерка притвор.
-Jавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.
Во периодот од октомври до 13.12.2025 година осомничениот примил вкупен износ од 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание за да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје и за со поткуп кон судијата да влијае за да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.
Првично, осомничениот побарал 100.000 евра за да влијае за укинување на мерка притвор определена кон лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кого ОЈОГОКК води друга постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството. На 06.10.2025 година примил дел од побараниот износ и тоа 30.000 евра, што му ги предала сестрата на лицето во бегство. На 13.12.2025 година директно побарал и примил уште 20.000 евра како дел од поткупот што го барал за да го даде на судијата. Непосредно по примањето на паричните средства осомничениот е лишен од слобода и кај него се пронајдени парите, информираат од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека бараат да му се одреди мерка притвор.
-Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за осомничениот, поради сите околности што упатуваат на опасност од бегство, можност да изврши нови кривични дела или да влијае на постапката, информираат од Обвинителството.
По разрешувањето на Стафа од позицијата државен правобранител, тој работеше како адвокат.
Извор: Фокус