Стапката на сиромаштија во Македонија во 2024 година изнесувала 21,9 проценти

Најизразен ризик од сиромаштија е забележан кај децата и младите до 17 години, каде што стапката достигнува високи 29,5 проценти. Особено алармантна е состојбата кај самохраните родители – речиси секое второ такво домаќинство живее под прагот на сиромаштија, односно 45,8 проценти.

Стапката на сиромаштија во Македонија во 2024 година изнесувала 21,9 проценти, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика, објавени врз основа на Лаекенските индикатори за сиромаштија.

Најизразен ризик од сиромаштија е забележан кај децата и младите до 17 години, каде што стапката достигнува високи 29,5 проценти. Особено алармантна е состојбата кај самохраните родители – речиси секое второ такво домаќинство живее под прагот на сиромаштија, односно 45,8 проценти.

Кај возрасната популација од 18 до 64 години, како и кај лицата над 65 години, стапките на сиромаштија се пониски, но родовите разлики остануваат присутни. Жените се посилно погодени, особено во повозрасната група, каде што сиромаштијата изнесува 20,7 проценти, наспроти 19,5 проценти кај мажите.

Според економскиот статус, сиромаштијата не ги заобиколува ниту вработените. Кај лицата со работа, стапката на сиромаштија во 2024 година изнесува 7,9 проценти, што го потврдува постоењето на феноменот „сиромашни вработени“ – лица кои и покрај редовен ангажман не остваруваат доволни приходи за пристоен животен стандард. Кај пензионерите, стапката е повисока и изнесува 12 проценти, што укажува на зголемена ранливост, особено во услови на растечки трошоци за живот.

Анализата според типот на домаќинства покажува значителни разлики. Најранливи се самечките домаќинства и оние со издржувани деца. Освен самохраните родители, висок ризик од сиромаштија е забележан и кај домаќинствата со двајца возрасни и три или повеќе деца, каде што 54,8 проценти од членовите живеат под прагот на сиромаштија.

Кај семејствата составени од двајца возрасни и две издржувани деца, стапката на сиромаштија изнесува 17,1 процент. За оваа категорија, прагот на сиромаштија е утврден на 374.400 денари годишно, односно околу 6.100 евра. Тоа значи дека едно четиричлено семејство месечно треба да располага со најмалку 31.200 денари за да не се смета за сиромашно.

Податоците покажуваат и умерено ниво на нееднаквост во распределбата на приходите. Џини коефициентот во 2024 година изнесува 29,1 процент и претставува важен индикатор за социјалната кохезија во земјата.

Сите податоци се добиени од Анкетата за приходите и условите за живеење, која се спроведува според методологијата и препораките на Европската Унија. Прагот на сиромаштија е дефиниран како 60 проценти од медијалниот еквивалентен приход на домаќинствата.