
Станков: Започнавме со воспоставување статистички регистар на население што ќе биде основа за спроведување на идниот попис
Пописот е најобемна и најскапа статистичка операција и претставува сериозен предизвик за многу земји, вклучително и за нашата. Подготовките почнуваат неколку години пред спроведување на пописот и согласно препораките на ОН, следната рунда на пописи на население којашто е усвоена да биде околу 2030 година потребно е да се спроведува попис на население од административни извори на податоци, вели во интервју за МИА директорот на Државниот завод за статистика Дејан Станков.
Пописот е најобемна и најскапа статистичка операција и претставува сериозен предизвик за многу земји, вклучително и за нашата. Подготовките почнуваат неколку години пред спроведување на пописот и согласно препораките на ОН, следната рунда на пописи на население којашто е усвоена да биде околу 2030 година потребно е да се спроведува попис на население од административни извори на податоци, вели во интервју за МИА директорот на Државниот завод за статистика Дејан Станков.
Државниот завод за статистика веќе работи на воспоставување на еден статистички регистар на население што ќе биде основа за спроведување на идниот попис на население.
– Ние започнавме активности во Заводот врз основа на административниот регистар на население и другите административни збирки на податоци, кои што ги имаме во државата да воспоставиме еден статистички регистар на население што ќе биде основа за спроведување на идниот попис на население. Меѓутоа, во меѓувреме работиме со институциите. Го испитуваме квалитетот на изворите, се со цел овие административни извори на податоци да бидеме во можност да ги користиме за статистички цели, изјави Станков.
Процесот на дигитализација, според Станков ќе носи подобри можности за статистичарите, пред се во делот на квалитетот на административните збирки на податоци и можноста за користење на овие големи сетови на податоци за статистички цели.
Во делот на вештачката интелигенција, тој открива дека веќе започнале со одредени првични чекори за соработка со академската заедница и со студентите на проект за т.н. СтатГПТ, односно проект каде што статистичкте податоци ќе бидат прв избор при користењето на податоците.
-Меѓутоа, сигурен сум дека придобивките од процесот на дигитализација и вештачка интелигенција се поголеми за статистичките институти, отколку ризиците. Секако, долгорочно гледано веројатно сите овие апликации кои што се креираат на база на вештачка интелигенција во основата ќе им бидат бази на податоци и официјалната статистика добива одредена конкуренција на европско и светско ниво, меѓутоа разликата меѓу нашите податоци, официјалните податоци и сите други податоци е во сигурната методологија која што се употребува, изјави Станков.
Државниот завод за статистика, Станков појаснува дека цените ги следи преку овластени сниматели на снимачки места, при што, опфаќа некаде околу 689 најрепрезентативни производи и услуги на 1 600 снимачки места и следи на месечно ниво околу 17 илјади цени.
Податоците за инфлацијата, нагласува Станков, Државниот завод за статистика ги произведува од 50-тите години на минатиот век и едно од истражувањата со најголема традиција и највисок квалитет.
-Првично инфлацијата се мерела преку индексот на цени на мало, а потоа преку индексот на трошоци за живот. Сега инфлацијата ја мериме со Индексот на трошоци на живот, а паралелно ние како завод пресметуваме и трет индекс којшто е целосно усогласен со Евростат и европските барања, кој што, исто така, се реобјавува од Евростат, а тоа е хармонизираниот Индекс на трошоци на живот, изјави Станков.
Хармонизираниот индекс на трошоци на живот конкретно е методологија направена за земјите членки на еврозоната, меѓутоа ние ги објавуваме и тие податоци, што, како што нагласува Станков, значи дека целосно сме хармонизирани во делот на податоците за инфлација со барањата на Евростат и на Европската централна банка.
Потрошувачката кошница како категорија не е статистичко барање од страна на ЕК и европските земји, појаснува Станков, и не пресметуваат статистички индикатор за потрошувачка кошничка во рамки на заводите за статистика.
-Потрошувачката кошница се водела до 2010 година, меѓутоа од 2010 година наваму се спроведува едно истражување т.н. ЕУ СИЛЦ, односно анкета за приход и услови на живеење, која што е европско барање и која што самото име наведува дека оваа методологија е воспоставена во рамки на европскиот статистички систем и овде ние ги објавуваме податоците за сиромаштија, за нееднаквост, за структурата на доходот, а истовремено, ги објавуваме и податоците за трошоци на живот, за цени на мало, за хармонизираниот индекс на трошоци на живот, изјави Станков.
Има и одредени нови феномени, кои, како што појаснува Станков, се предизвик за статистичарите, посочувајќи дека освен скриена инфлација, кој е позната од минатото, кога имаме доволна количина на парични средства во оптек, меѓутоа не можат да се најдат производите на рафтовите, сега во последно време има т.н. скимфлација каде што за иста цена се добива производ со намален квалитет или шринкфлација, каде што производите се со намалена грамажа.
-И ова е предизвик за нас статистичарите, меѓутоа ние ги следиме истите производи во одреден временски период и се обидуваме и овие појави да ги инкорпорираме во нашите податоци, изјави Стаков.