Ставен под контрола големиот пожар во близина на Атина

По речиси 22 часа битка со огнената стихија, пожарот во североисточниот дел на Атина е ставен под контрола.

Портпаролот на противпожарната служба на Грција Јанис Артопиос, на вонредниот брифинг кусо по 15 часот по локално време соопшти дека не постои активно жариште, пожарот во поголемиот дел е под контрола, а постојат мали разгорувања во пет населби.

Објасни дека сите сили на цивилната заштита остануваат на терен за да спречат евентуални разгорувања.

Истакна дека за граѓаните кои не можат да се вратат во нивните домови обезбедено е привремено сместување, а веќе се згрижено 26 лица.

Шумскиот пожар избувна вчера, кусо по 17 часот од планината Пендели и поради силниот ветер, се спушти и брзо се прошири кон населените места, заземајќи големи размери со активни жаришта во повеќе населби.

Сè уште е непозната големината на материјалната штета предизвикана од шумскиот пожар, но сигурно е дека има целосно изгорени куќи и возила, но и куќи кои претрпеа материјална штета.