Ставена електронска алка на првиот осуден на куќен затвор во Македонија

На првиот осуден на куќен затвор во земјава, 79-годишен велешанец, денеска му беше ставена електронска алка на ногата, за да може 3-месечната затворска казна да ја издржува од дома.

-Денеска од страна на овластени службеници од Секторот за пробација во Чашка, Велес за прв пат беше поставена опремата за електронски надзор со што започна извршувањето на првата изречена пресуда куќен затвор.

Врз осуденото лице беше поставена алка на глуждот на ногата. Истиот нема да смее да го напушта своето живеалиште во времетраење од три месеци, а лицето има право на престој на свеж воздух од најмногу два часа, информираше Александар Пандов, директор на Управата за извршување санкции.

Тој појасни дека ви случај на непочитување на упатствата за користење на опремата за електронски надзор и ограничувањата дадени од судот, пробациските службеници ќе го известат судот, согласно одредбите од Законот за пробација.

-Притоа, овој начин на извршување на казната е поекономичен за државата, а имајќи ја предвид возраста на сторителот воедно претставува и похуман начин на извршување на казната, поентираше Пандов.